Патот дo Преспа


Бујар Османи, Министер за надворешни работи

Патот до Преспа е замислен како двигател и поттик за позитивна мисла во развојот на искрен и сеопфатен дијалог помеѓу земјите и народите во регионот. Минатото е важно, за да нè учи да не ги повториме грешките, но не и да не заслепи. Нам ни е потребна нова стратешка култура која помеѓу  бремето од минатото, која нè разделува да даде предност на иднината, која нè спојува. Признавам, времето во кое живееме е исто толку тешко и непредвидливо како и на нашите предци, но денеска сме позрели. Патот кој сме решени да  го следиме ни е познат, а целта кон што се  стремиме јасна. Денеска имаме модели на успех, кои недовербата, различностите и историските трауми кои често создаваа  непредвидливост, може да ги менаџираат  преку комплементарно единство која развива силна синергија, материјализирана во економски развој, мир, хармонија и благосостојба. Тој пример е обединета Европа, попозната како Европска унија.

Тој пат е докажан и безбеден, но колку и да ни се потребни добри примери,  тие не треба само да ги копираме - нам ни е потребен сопствен пат кој ќе ги има во предвид  своите регионални, геополитички,  културни и религиозни  посебности за да изградиме, свој автентичен, модел.

На регионот како никогаш досега му се потребни свежи идеи, нов наратив за регионална соработка, безбедност и стабилност, со цел што полесно да се соочиме со предизвиците наречени патот кон ЕУ.

Главната цел на Преспа форум за дијалог е да го унапреди моделот усвоен од Северна Македонија – модел на градење мостови, добрососедски односи, негување култура на пријателство, доверба и меѓусебно разбирање. Форумот е предвиден како место за отворени разговори и решенија, за земјите од нашиот регион да имаат можност да ги покажат нивните способности и посветеност на регионалната соработка, стабилност и безбедност.

Идејата за воспоставување на Преспа форумот не е ниту без основа, ниту без емпириска поткрепа. Таа е заснована во платформа и стратегија издигната на три столба, пресликана во  трите договори што ја прават Северна Македонија уникатен пример во регионот и пошироко: Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан со Република Бугарија во 2017 година и Преспанскиот договор потпишан со Хеленската Република во 2018 година. Трите договори уживаат силен внатрешен и меѓународен легитимитет и широко се прифатени и поддржани, со што се воспоставува модел за другите земји и општества и нуди пример со важни поуки и заклучоци што би можеле да бидат корисни.

Охридскиот рамковен договор, потпишан во 2001 година, не само што ги смири тензиите и страстите помеѓу заедниците, туку отвори простор за похармонично, мултиетничко и инклузивно општество и придонесе за политичка и општествена интеграција на сите заедници во земјата. Наскоро ќе одбележиме 20 години од неговото склучување и може со увереност да кажеме дека сме созреале, дека старите анимозитети, кои нè раздвојуваа се надминати и сите ние, обединети околу европската перспектива, градиме држава со демократски вредности и партиципативна политичка култура. Усвојувањето на моделот на внатрешно политичко и општествено уредување утврден од Охридскиот рамковен договор ја направи земјата отворена, посилна и постабилна. Денес може да бидеме горди за состојбата на меѓуетничките односи и иднината на земјата. Овој модел е знак на препознавање на нашата држава и најдобриот политички производ за извоз.

Договорот со Бугарија, потпишан во 2017 година, ги подигна билатералните односи со нашиот источен сосед на едно поинакво ниво, изразувајќи ги заедничките аспирации за продлабочување на односите и проширување на соработката. Посветеноста на пријателството, добрососедството и соработката изнесена преку договорот беа отелотворени многу јасно, а резултатите можеше да се видат и почувствуваат доста брзо. Го интензивиравме политичкиот дијалог и влеговме во фаза на отворена и зачестена комуникација. Економската соработка продолжува да расте, партнери сме за голем број прашања, од соработка на полето на одбраната и внатрешните работи, образование, наука, култура, медиуми, здравство, до инфраструктура и регионална поврзаност. Формирањето на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше значаен чекор кон создавање платформа за дебата, размена на мислења и институционализирање на дијалогот меѓу академските заедници. Во пракса, договорот ја смести дебатата за историските прашања таму каде што припаѓа – во научните и академските институции за да ја ослободи политиката од долгите дебати од значењето на одредени личности и настани. Покрај историските прашања, кои се препуштени да ги расправаат експертите, двете земји се согласија дека ќе ја делат иднината како држави-членки на европската и евро-атлантската заедница. Сигурни сме дека преку добра волја, отворен дијалог и конструктивен пристап од двете страни ќе ги надминеме предизвиците пред нас. Делењето на процесот на два дела, историјата на историчарите, а политиката на политичарите, цениме дека ќе биде добар баланс на една нова стратешка култура каде добиената резултанта од минатото и иднината ќе гарантираат сигурен чекор без да ја губиме визијата за иднината.

Преспанскиот договор, потпишан пред три години, означи нова перспектива под сонцето на Балканот. Две соседни земји, вкопани на спротивните страни на спор, стар речиси 30  години, успеаја да ги прошират границите на можното, покажаа нов начин на гледање една со друга и докажаа дека го заслужуваат своето место во големото семејство на европски демократски земји. Преспа стана симбол за отворен дијалог, за решавање спорови и за надминување на себеси и на своите тесногради, краткорочни интереси. Преспа покажа дека има друг пат – пат кој е отворен за сите што имаат добра волја, зрелост и способност да носат тешки одлуки во интерес на сите.

Во Преспа ја манифестиравме нашата подготвеност да се разбереме, да направиме компромис и да најдеме решение што е прифатливо за сите страни и кое е одржливо на долг рок. Во Преспа двете земји победија и никој не загуби. Северна Македонија доби пријател и партнер, а нашата иднина во НАТО и ЕУ беше отворена. Хеленската Република доби пријател и партнер кај својот сосед, потврдувајќи ја  својата улога на посветен двигател и поддржувач на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Затворивме важно поглавје кое со децении ги трошеше нашите капацитети и дипломатскиот капитал. Одеднаш, ние бевме растеретени и слободни да се фокусираме на изградба на конкретни проекти со нашиот нов партнер и да ја искористиме нашата енергија на попозитивен и конструктивен начин, во корист на нашите граѓани.

Денеска нашата држава е стабилна земја, го подобривме нејзиниот меѓународен имиџ и ги отворивме вратите за евро-атлантската иднина на земјата и регионот. Напредокот што го постигнавме беше плод на крајна посветеност, добра волја и искрени намери. Сепак, не беше лесно. Имаше силни притисоци и моменти кога требаше да се донесат тешки одлуки. Бевме свесни за историското значење на актуелноста на моментот, уверени дека создаваме иднина и дека им отвораме можности на нашите граѓани, и тоа беше есенцијалниот момент  што го овозможи напредокот.

Самата суштина на трите договори е вградена во длабокото убедување дека мирот е подобар од војната, дека следните генерации се поважни од следните избори и дека реалниот компромис што нè придвижува, е подобар од лажната победа што не влече назад. Заклучокот и спроведувањето на договорот се потпираат на добрата волја, посветените напори, упорноста и силната доверба во нашата заедничка иднина во Европа, обединети во слобода и мир.

Европската и евро-атлантската перспектива на земјите од Западен Балкан и внатрешниот политички поредок и стабилност, надминувањето на билатералните спорови и регионалната соработка се тесно поврзани и зависни едни од други. Двата процеса се надополнуваат едни со други и меѓусебно се зајакнуваат. Напредокот на патот на интеграцијата им дава силен импулс на толку потребните внатрешни реформи и силен поттик за надминување на билатералните спорови, но не помалку значи и отворени можности за интензивирање на регионалната соработка.

Во овие времиња кога идеите за алтернативни сценарија за иднината на Балканот циркулираат уште еднаш, станува јасно дека потенцијалното слабеење на европската перспектива значи повторно актуелизирање на старите, ретроградни идеи, кои не ветуваат ништо добро за никого. И во овој контекст, значењето на трите договори и единствениот концепт на моделот што Преспанскиот форум за дијалог има за цел да го промовира, добиваат на важност и релевантност. Оттука произлегува иницијативата за промовирање на нашиот модел, како начин за надминување на споровите и со тоа да се придонесе кон регионалниот мир, стабилност и безбедност и да се забрза процесот на европска интеграција на целиот регион.  Оптимист сум, но не и наивен кога верувам дека еден дена токму тука, во Северна Македонија, овој форум ќе се издигне во академски, но и практичен центар за изнаоѓање решенија за конфликти, но и изнаоѓање модели за функционирање на фрагментираните, мултиетнички и мултирелигиозни држави и општества.

 

.....................................................................................................

НАТО: За нашите деца да живеат во мир

 

Бујар Османи, Министер за надворешни работи

 

На 27 март 2020 година Република Северна Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО. Овие денови веќе се навршува една година од нашето полноправно членство. Иако измината 2020 година ќе ја паметиме по глобалната пандемија, членството во НАТО е една од најдобрите работи што се имаат случено за нашата држава. Со тоа, реализиравме една од нашите најважни стратешки цели, цел која беше заедничка и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.

Членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евро-атлантската заедница на демократии. Оваа наша заедничка цел секогаш имала силна поддршка од јавноста и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Различни генерации на политичари, професионалци од јавната администрација и од Армијата со години беа посветени на реализацијата на нашата заедничка стратешка цел. И конечно сите заедно успеавме да го постигнеме тоа минатата година на крајот од март.

Членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност. Тоа е најсилната гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија. Многу добро видовме колку значи и колку е корисна солидарноста меѓу сојузниците за време на пандемијата предизвикана од Ковид-19. Голем број на сојузници сѐсрдно ни помогнаа со донации во медицинска и заштитна опрема, како и во препарати за дезинфекција и други материјали. НАТО донираше 60 механички вентилатори за полесно справување со последиците од пандемијата. Нашите капацитети и ресурси се посилни благодарение на солидарната поддршка од сојузниците, што е директен придонес од нашето членство во Алијансата.

 

Членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евро-атлантската заедница на демократии. Оваа наша заедничка цел секогаш имала силна поддршка од јавноста и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус...

 

Со нашето членство во НАТО значително се подобри безбедноста и стабилноста во нашиот регион. Сега имаме поблиска соработка со сите наши соседи кои се членки на НАТО. Благодарение на Преспанскиот договор го надминавме спорот со Грција и станавме членка на НАТО, а со Договорот за Пријателство со Бугарија направивме голем влог во доброседските односи и нашата заедничка соработка која ја надградуваме како сојузници во Алијансата. Воедно, имаме и поблиска соработка со другите сојузници кои се во нашиот регион. Со некои од нив имаме традиционално одлични односи, но сега квалитетот на соработка е значително подобар и соработката е поблиска.

Нашето членство во НАТО го користиме и како шанса да дадеме активен придонес во функционирањето на Алијансата и на нејзиниот развој. Седиме на маса заедно со некои од најголемите и најразвиените земји во светот. Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Ние не сме повеќе објект во гео-политичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања.

Тоа значи дека имаме споделена одговорност и обврска да дадеме придонес кон одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста. Во таа смисла, превенцијата е секогаш подобра од интервенцијата. Затоа земаме активно учество во мисиите на НАТО, од кои дел се насочени кон зачување на мирот и стабилноста, а дел се насочени кон развој на локалните капацитети и институции за одржување на мир, безбедност и стабилен демократски развој. Од минатата година учествуваме во мисијата КФОР на Косово, а од оваа година ќе го зголемиме нашето учество. Од примарна важност за нас е нашето соседство да е мирно и стабилно. Исто така, учествуваме во мисиите на НАТО во Авганистан и Ирак. Видовме дека конфликтите на Блискиот Исток предизвикаа голем бран на бегалци и мигранти кои поминаа преку нашата држава и Западен Балкан. Воедно, дојде до зголемување на заканите од тероризам и насилен екстремизам. Со нашето учество во мисиите на НАТО и со поддршката на другите активности на Алијансата, ние придонесуваме кон намалување на ризиците и заканите кои потенцијално би можеле да донесат нестабилност во нашиот регион или во Северна Македонија.

 

Со нашето членство во НАТО значително се подобри безбедноста и стабилноста во нашиот регион. Сега имаме поблиска соработка со сите наши соседи кои се членки на НАТО.

 

Ние сме мала држава со ограничени ресурси. За наша среќа, или за несреќа, светот е многу помал во 21 век. Има поголема поврзаност и меѓузависност меѓу актерите и активностите на меѓународна сцена. Гледаме појава на нови предизвици и закани (сајбер и хибридните закани), сведочиме силна амбиција и глобален раст на другите глобални сили, има подем на нови форми на регионална соработка и случувања кои ја менуваат гео-политичката реалност и со кои треба да се соочи секоја држава во светот. Многу е потешко за мала држава ако е сама, а многу е полесно ако е во сојуз со други да одолее на новите гео-политички предизвици.

Ние и во иднина, индивидуално како држава, ќе имаме голем диспаритет на ресурси и моќ во однос на поголем број од другите држави во светот. Но, како дел од НАТО ние сме веќе во сосема поинаква ситуација. НАТО е најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. Алијансата е воено-супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација, која обединува безмалку 1 милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП.

За нас, најважно од сѐ е што тоа е организација која е изградена на заеднички демократски вредности. Демократските вредности ги споделуваме со нашите сојузници и членството во НАТО ни помага тие вредности да ги чуваме, развиваме и да ги промовираме. Несомнено е дека развојот на нашата демократија беше возможен заради домашниот консензус и амбиција, но и заради меѓународната поддршката за нашата евро-атлантска ориентација. Членството во НАТО е дополнителен мотив за социјална кохезија во Северна Македонија и служи за зајакнување на отпорноста на нашата демократија.

 

Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Ние не сме повеќе објект во гео-политичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања.

 

Од денешен аспект овие аргумент изгледаат едноставно и понекогаш ги земаме ,,здраво-за-готово’’, но патот кој го поминавме беше многу тежок и неизвесен. Го поминавме распадот на Југославија, војните и конфликтите во соседството кои за среќа ги избегнавме. Ја поминавме бегалска криза од Косово во 1999 и вооружениот конфликт во 2001. Го постигнавме и успешно го имплементираме Охридскиот Рамковен Договор. Имавме НАТО мисии на наша територија кога започнавме наше учество во НАТО мисии во други кризни подрачја. Ги надминавме поделбите- политички и меѓуетнички- и се издигнавме посилни и пообединети благодарение на желбата за подобро утре и амбицијата тоа да го реализираме. Членството во НАТО е симболот на нашиот труд и најсилниот доказ за нашето постигнување.

Мојата генерација бевме деца кога се распаѓаше СФР Југославија. Нашата младост ја одбележа неизвесноста и нестабилноста во нашиот регион и во нашата држава. Нашите семејства се соочија со егзистенцијални дилеми и прашања за безбедноста и стабилноста на државата и за тоа каква иднина ќе имаме. Сето тоа е зад нас. И никогаш повеќе нема да се отвори како тема. Членството во НАТО е гаранција за тоа. Денес, знаеме дека нашите деца ќе растат во држава која е постабилна и побезбедна, втемелена на демократски принципи и вредности. Тоа е темел за економски развој и за општествен просперитет. Тоа е темелот за нашата подобра иднина. Тоа е НАТО.

 

Последно ажурирање: 04 јуни 2021